Власта соочена со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации, дури и за местото во ДИК кое припаѓа на опозицијата, и тоа не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник плус, изјави денеска во Кавадарци, Александар Николоски, потпретседател на ВМРО -ДПМНЕ.
– Во однос на техничката влада на опозицијата и припаѓаат министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика и три заменички места во финансии, земјоделие и Министерството за информатичко општество и администрација со врзан потпис. И тука ние сериозно размислуваме каков чекор да преземеме имајќи во предвид последните случувања, а тоа е дека власта соочена со нискиот рејтинг и со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник плус, рече Николоски.
Тој посочи оти јавноста ги следи случувањата со неизборот на член на ДИК.
– Имено Алијанса за Албанците стана член на Владата скоро пред година дена и со тоа го изгуби местото во ДИК. Според закон тоа припаѓа на опозицијата. Законот вели ДИК има 7 члена од кои 4 на власта и 3 на опозицијата. Во моментот тоа едно место е непополнето иако сите знаат дека треба да е на опозицијата. Иако се прекршени неколку закони имајќи предвид дека во законите има јасни норми и процедури за колку време треба да се пополни ДИК, додаде тој.
Оттука, додаде, самото поигрување со овој процес покажува дека размислуваат за манипулации во изборниот процес.
– И во таа насока треба сериозно и ние како ВМРО-ДПМНЕ како да се поставиме во следниот период. Но, она што можам сигурно да го кажам е дека нема да дозволиме ни еден глас на граѓаните да биде изманипулиран и волјата на граѓаните да биде изманипулирана. Или треба точно сите оние кои се за промени и кои ќе поддржат промени да знаат дека гласот нивни ќе биде валидиран без никакви манипулации на изборите, нагласи Николоски.
Тој подочи дека по парламентарните избори одговорност за скандалот со Онкологија ќе има, и обвини дека власта штити веледрогерија. Тој информираше дека денеска се во целодневна посета на Кавадарци кадер ќе се одржи Академија на Комисијата за здравство, на која ќе се разговара за состојбите во здравството.
– Она што би сакал на почетокот да го кажам е дека огромниот скандал кој што беше врзан со лечењето на болните од малигни болести и случувањата на Клиниката за онкологија, како што гледате власта целосно се обидува да го стиши. Имено, ни истрага не се отвори за манипулациите, за кои што јавно се говореше и за кои што собраниската Анкетна комисија донесе соодветни ставови кои што беа презентирани низ повеќе испрашувања кои што ги правеше истата таа комисија, додаде Николоски.
Сите се свесни, нагласи тој, дека има потенцијални неправилности, но власта не отвори ни истрага, а најбитната причина зошто не отвораат истрага е, вбели, затоа што сакаат да ја заштитат веледрогеријата која што е еден од најголемите донатори на СДСМ во моментот.
-После парламентарните избори кои што ќе се случат на 8-ми мај, ова ќе е една од првите активности која што ќе ја преземеме за да се побара одговорност во однос на овој случај, додаде Николов.
Тој соопшти дека ќе имаат средба и со пензионерите.
– Ќе зборуваме за состојбата во која што живеат. Наш план е пензиите да растат и да се зголемуваат, имаме конкретно ветување дека во рок од една година пензиите линеарно ќе пораснат за 5.000 денари по пензионер, што е едно сериозно зголемување во однос на ова што сега го има како пензии. И имаме план како и понатака после тоа да пензиите се прилагодуваат на потребите и на животниот стандард. Исто така ќе имаме и средби со граѓаните во Кавадарци, кај што ќе поразговараме на актуелните теми кои што ги засегаат, соопшти Николоски во изјава за медиумите.