Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на презентацијата на проекциите на населението во Република Северна Македонија до 2070 година, изработена од Државниот завод за статистика, што се одржа во Собранието.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека населението забрзано старее, а државата забрзано се празни. Според изготвените проекции до 2070 година населението би се намалило за дури 35%, односно, од сегашните 1.8 на одвај 1.2 милиони жители.
Претседателот Пендаровски изрази уверување дека проектираната демографска иднина не мора да стане наша неизбежна судбина, истакнувајќи дека само благодарение на ваквите професионално изработени проекции и анализи, можеме да носиме правилни одлуки и долгорочни политики засновани врз реални факти.

Според претседателот Пендаровски, единствен начин за да го намалиме иселувањето, да ги зголемиме повратните миграции и да го поттикнеме наталитетот е ако изградиме демографски отпорно општество. Тоа, според претседателот, подразбира да создаваме општество во кое луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства.