„Отворен Балкан“ е мртов проект кој има за цел хегемонија на Србија врз другите земји од Западен Балкан.

Европската унија ја гледа Србија како разгалено дете кое е секогаш незадоволно и сака нешто да му се даде.

Коридорот 8 е стратешки за Европа, сега го имаме потребниот финансиски и технички капацитет да го завршиме овој проект еднаш засекогаш.

Ова во интервју за БГНЕС го изјави Висар Адеми, политички аналитичар од Северна Македонија. Тој е консултант за менаџмент и развој на бизнисот со продлабочено познавање на конкурентноста и стратегискиот менаџмент. Тој е претседател на My Career, една од најиновативните програми лансирана во Македонија. Адеми има долгогодишно искуство во проекти за развој на работна сила во земите од Западен Балкан.

Со него разговараме за деструктивната амбиција на Србија за хегемонија на Балканот, за грешките на Западот во однос на регионот, како и за потребата од развојот на Коридорот 8.

Адеми изјави дека идејата „Отворен Балкан“ е мртва затоа што првично била изградена од нефункционални држави каде што владее корупцијата.

„Таквите земји не можат да бидат основа на функционална унија. Дополнително, веќе го имаме Берлинскиот процес, од кој дел се и истите земји. Зошто тогаш да правиме паралелна унија, од која најголема корист ќе има српската економија? Ја разбирам позицијата на Србија да го финансира овој проект, бидејќи нејзината економија, која е најголема во Западен Балкан, ќе стане уште поголема. Во тоа помагаат и нашите политичари, кои непромислено или пак промислено станаа дел од овој процес“, рече тој и додаде:

„Берлинскиот процес е иницијатива која веќе ја следи размената на стоки и услуги и може да игра улога на арбитер во спорот. Зошто тогаш ни треба организација за која не знам според која законска регулатива би се решил спорот меѓу компанија од Северна Македонија и друга компанија од Србија?“.

Политичкиот аналитичар е дециден дека Србија со иницијативата „Отворен Балкан“ се обидува да создаде паралелна организација пандан на НАТО во Западен Балкан, преку додворување кон РС Македонија, Црна Гора и Албанија. Целта е „Отворен Балкан“ да стане највисоко ниво на интеграција во кое учествуваат земјите од регионот. Србија преку овој проект се обидува да го зајакне своето политичко и економско присуство во земјите од Западен Балкан, но целта на Белград не е соседните економии да имаат корист од меѓусебната соработка, туку српската економија да стане хегемон.

На прашањето дали Западот ја разбира природата на деструктивната политика на Србија, Адеми одговори:

„Европската унија ја гледа Србија како разгалено дете кое е секогаш незадоволно и сака нешто да му се даде. За жал, на Западот му недостасуваат силни лидери како Черчил и Ајзенхауер. Ситуацијата во Западен Балкан и Македонија се гледа како статус кво на регионален мир кој мора да се зачува“.

Според Адеми, Западот е фокусиран на многу други „пожари“ во светот кои треба да се „гасат“ како Украина и Палестина, но не посветува доволно внимание на проблемите во регионот на Балканот.

Тој нагласи дека Босна и Херцеговина не функционира ниту политички ниту економски бидејќи Република Српска е држава во држава. Косово исто така не е целосно функционална држава бидејќи не може да се развива економски бидејќи има еден дел од земјата што е надвор од системот и политички и економски – српските општини во северниот дел на републиката.

„Дел од населението не плаќа ниту даноци ниту давачки и затоа не можеме да зборуваме за слободен пазар на Косово.

Висар Адеми истакна дека РСМ е политички нестабилна бидејќи Белград ја спонзорира нестабилноста, бидејќи му е исплатливо да нема стабилна влада во Скопје, па затоа РС Македонија не може да се развива економски.

Запрашан за насилниот напад во селото Банска на 24 септември, во кој српска вооружена група зазеде манастир во северно Косово и уби косовски полицаец, Адеми рече дека тоа е пример за терористички акт финансиран од Србија.

„Инцидентот во Банска е терористички акт поддржан од Белград. Тој имаше за цел да ги одвои Србите од Косово. Тврдењата на Приштина дека Белград одиграл голема улога се потврдуваат и со фактот дека човекот (Милан Радојчиќ – забелешка уред.) кој бил главен организатор на нападот се уште не е изведен пред суд. „Тоа се случи по вкус на Србија и може да се повтори додека Европа не добие јасен концепт каква земја сака да биде Косово, во која да има консензус меѓу Албанците и Србите“, вели македонскиот политички аналитичар.

Тој посочи дека патот кон економскиот развој на регионот поминува низ успешното завршување на транспортниот коридор 8, кој го поврзува Јадранот со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија.

„Тоа е интересна тема бидејќи сите зборуваат за проектот и во исто време го враќаат на приоритетната листа. Коридорот 8 е стратешки за Европа и сега го имаме потребниот финансиски и технички капацитет да го завршиме еднаш засекогаш. Коридорот носи економски бенефит, неговата изградба отвора работни места и затоа еднаш засекогаш се откажуваме од идејата да војуваме еден со друг“, рече Адеми, нагласувајќи дека „и во историјата и во сегашноста Бугарија никогаш немала лоши односи со Албанците“.

„Мораме да го одржиме овој добар однос. За жал, дел од Албанците кои живеат во Македонија учествуваат во државната политика што Скопје ја води кон Бугарија и тоа влијае на нивниот однос кон Бугарите. Според мене, треба многу повеќе да се инвестира во интензивирање на економските односи. Ако ме прашате дали е доволно направено во оваа насока, би рекол дека не е, Бугарија е членка на НАТО и ЕУ, има повисок економски стандард и поголеми компании. Потребно е повеќе да се инвестира, да се интензивира блискоста на бугарскиот и албанскиот народ“, категоричен е Висар Адеми.

Фото: БГНЕС