Предлог буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на јавните потреби на граѓаните и фирмите. Во текот на 2024 година е предвидено подобрување на управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање, редизајнирана буџетската политика и фискална консолидација, активности кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на денешното претставување на Предлог- Буџетот пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.

– Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари и истиот е проектиран во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или на ниво од 3,4 отсто од планираниот БДП. Со проектираното ниво на буџетскиот дефицит се потврдува конзистентноста на фискалната политика, која е во согласност со среднорочната фискална рамка, рече Бесими.

Според него, и покрај понискиот буџетски дефицит, преку буџетската потрошувачка се предвидува нормално функционирање на институциите, обезбедување на развојна компонента, како и алоцирање на неопходни средства за резерви за кризни состојби на ниво од околу 0,4 отсто од БДП. Со вака планираниот буџетски дефицит се овозможува исполнување на фискалното правило за буџетски дефицит од 3 отсто од планираниот БДП, не вклучувајќи ги средствата за таргетираните мерки за најранливите категории.

Проекциите за приходите на буџетот, како што појасни ресорниот министер, се базираат на: реализација на приходите во тековната 2023 година, очекувања за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.

Преку Предлог-Буџетот за 2024 година, предвидено е да се реализира обезбедување услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството, интензивирање на конвергенција на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

– Вкупните даночни приходи во Буџетот, се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 отсто над износот на приходи планиран за 2023 година. Истите учествуваат со 18,1% во БДП за 2024 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година. Како изворни приходи на Буџетот, даночните приходи учествуваат со 57,4% во структурата на вкупни приходи на централно ниво за 2024 година, појасни Бесими.

Во Буџетот за 2024 година, проектирано е повисоко ниво на остварување кај сите видови даноци споредено за 2023 година.

Вкупните расходи, според министерот за финансии, се планирани во износ од 343,6 милијарди денари, или за 5,8% повисоки во однос на 2023 година.

– Тековните расходи за 2024 година се планирани во износ од 298,6 милијарди денари или за 6,7% повеќе во однос на 2023 година и пред се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности на претпријатијата, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството, рече Бесими.

За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии се 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари. Според предлог буџетот за идната година за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност планирани се средства во износ од 1,5 милијарди денари, за спроведување на активни политики и мерки за вработување планирани се 1,9 милијарди денари. Здравствената заштита е планирана на ниво од околу 45,7 милијарди денари, средства кои ќе се реализираат преку Фондот за здравствено осигурување. Трансферите до ЕЛС се планирани на ниво од 29,8 милијарди денари и наменети се за финансирање на пренесените надлежности на општините и дотации.

– Предвидени се средства и за субвенции на приватниот сектор, наменети за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично. Посветено е внимание и на родово одговорните буџетски политики и преку финансиска поддршка на женското претприемништво, како и поддршка за жените во земјоделскиот сектор, кажа Бесими.

Според него, за антикризни мерки предвидени се средства во висина од 60 милиони евра, за поддршка на најраливите категории граѓани и на стопанството.

Во однос на капиталните расходи, планирани се 45,1 милијарди денари, од кои планирани предвидени се значајни инвестициони вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со Коридор 8 и 10Д…

Во буџетот за идната година планирана е изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема и реконструкција на Општа болница во Кичево, како и изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура, реконструкција на студентските домови…

Ќе продолжи модернизацијата на земјоделството, со изградба на откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи ширум државата, како и развој на систем за безбедно отстранување на нуспроизводи од животинско потекло.

Во областа на правосудството, ќе почне реализацијата на притворско одделение, затворено одделение и на централна економска единица во КПД Идризово.

Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4% и инфлација на ниво до 3,6%.

Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев кажа дека предложениот буџет за 2024 година ги следи трендовите што се дадени во фискалната стратегија за периодот 2024-2028 година.

Според него, за буџетскиот дефицит прифатено е правилото да изнесува максимално три проценти од БДП, од ова правило може да се отстапува во услови на економски или политички кризи. Вкупниот јавен долг да не надминува 60 % од БДП.

– И покрај значителнотото намалување на буџетскиот дефицит се проценува со фискалната стратегија за јавен долг дека може да дојде во 2024 надминување на овој процент и да достгне 62 до 63 отсто, со што со стратегиите е предвидено некаде до 2027 година овој лимит да се врати под 60 проценти. Наш предлог е дека овој процент се базира на правилото на Европската унија, но економската наука во РСМ цени имајќи ги предвид спецификите дека економскиот лимит е до 53 до 55% во смисла натамошното задолжување да не генерира дополнителен економски раст. И на долг рок таа дебата да се поттикне, за да се утврди економски лимит на задолжување, односно до кој процент дополнителниот долг ствара дополнителен економски раст, рече Бишев.

За опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Предлог – буџетот е највисок во историјата, нереален, неразвоен, креиран без концепт, нема јасна визија и е поставен на основи кои се неодржливи.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет и пратеник на ВМРО – ДПМНЕ Бојан Стојановски буџетот е формиран без одржлива стратегија која е насочена кон реален развој на економијата.

Власта пак со свои аргументи ја брани оправданоста на буџетот. Пратеничката Марија Ѓорѓиевска од СДСМ вели дека буџетот е проектиран да обезбеди поддршка заради забрзување на растот преку зголемени инвестициски активности, поддршка на граѓаните, унапредување на јавните услуги и обезбедување на макроекономска стабилност.

Расправата по Предлог-буџетот во Комисијата за финансирање и буџет почна денеска а ќе трае 10 работни дена, по што се праќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Согласно утврдените рокови Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.