Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити е во работна посета на Обединетото Кралство, кадешто вчера оствари средба со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс, главниот оперативен директор на „International Hospitals Group“ (IHG), Симон Ешворт и со заменик-шеф на одделот за здравство (инфраструктура, едукација и тренинг) во Министерството за бизнис и трговија, Дејвид Шепард.
Во фокусот на средбата беше планирањето на следни активности за изградба на нов Универзитетски клинички центар. Ќе се формира работна група составена од претставници од повеќе министерства, кои ќе имаат различни надлежности во однос на проектот, а како следен чекор што ќе се преземе е ревизија на веќепостојната студија за изводливост.
На состанокот се говореше за актуелните предизвици и приоритети, со цел унапредување на здравствените услуги, како и иницијативи и проекти од областа на здравството. Двете страни изразија интерес за планирање здравствени едукации и размена на здравствени кадри меѓу двете земји.
Меџити изрази голема благодарност за досегашната поддршка од Обединетото Кралство и истакна дека е од голема важност обучувањето на нашиот персонал за работа по најнова методологија во повеќе области на медицината.
Личната заложба на Викерс преку неговиот ангажман и посети кои ги реализира во регионот ќе бидат движечката сила за натамошното продлабочување на соработката меѓу Македонија и Обединетото Кралство.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.