Министерството за финансии денеска ја издаде 22-та емисија на Обврзници за денационализација на износ од 4,5 милиони евра со кои се опфатени сите правосилни решенија за денационализација во период од 1 јануари 2022 до 31 декември 2022 година со коишто како надомест се даваат обврзници.
Обврзниците за денационализација се хартии од вредност кои гласат на име, во евро валута и се неограничено преносливи. Номиналната вредност на една обврзница, како што информира МФ, е едно евро, а каматната стапка е два процента годишно.
-Номиналната вредност и каматата на имателите на обврзници се исплаќа во период од 10 години. Исплатата на каматата и номиналната вредност се врши еднаш во годината, односно на 10 еднакви рати, а за оваа емисија исплатата ќе започне од 1 јуни 2024 година. Имателите на обврзници за денацонализација, исто така , може да ги користат и за отплата на становите во општествена сопственост. Со обврзниците за денационализација може да се тргува и на секундарниот пазар на Македонската берза, информираат од Министерството за финансии.
Државава огласно Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците за денационализација коишто се издаваат.
Досега се издадени 21 емисија на Обврзница за денационализација на износ од 391,2 милиони евра.