Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими членовите на Управниот одбор на Глобалниот парламент на градоначалници, кои престојуваат во Северна Македонија по повод одржувањето на Годишниот самит, чиј домаќин е градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Како што соопштија од кабинетот на Претседателот, градоначалниците го информираа Пендаровски за нивните очекувања и темите на дискусија на овогодинешниот самит насловен „Моќни, инклузивни и грижливи градови: Обезбедување на демократија и развој со генерациите кои доаѓаат“, на којшто ќе учествуваат над стотина градоначалници, како и голем број претставници на меѓународните организации.

Тие, се додава, истакнаа дека целта на овој меѓународен собир е да ја поддржат и зајакнат улогата на градовите и локалните лидери во обезбедувањето на подобар, подемократски, поодржлив и поинклузивен свет за граѓаните.

-Претседателот Пендаровски посочи дека преку оваа глобална платформа градоначалниците имаа можност да разменуваат меѓународни искуства од успешно спроведени активности, да се вмрежувааат и да соработуваат на заеднички проекти, со што ќе придонесат за надминување на предизвиците и подобрување на услугите, во интерес на граѓаните, стои во соопштението.