Движењето Беса ја оценува како скандалозна изјавата на премиерот Ковачевски за Меморијалниот комплекс во Сопот. Фатмир Лимани ја критикуваше и ДУИ дека за секој предизборен циклус ја злоупотребува темата за воениот конфликт и УЧК. За музејот денеска со став се јави и министерот Бујар Османи кој рече дека објектот бил на приватен имот, а Али Ахмети бил само гостин.
„Дали знамето во рацете на граѓанинот што се вееше на приемот на премиерот Албин Курти во Тетово беше приватна сопственост? Ако беше така (значи стар 145 години), зошто цела Влада и порталите што им служат на СДСМ и ДУИ станаа и го обвинија Биљал Касами дека е виновен за поттикнување меѓуетничка омраза? Зошто беа поднесени тужби против градоначалниците на општините Чаир и Тетово, а тие случаи не се сметаа за дела кои припаѓаат на минатото и историја? Ова докажува дека нашата држава се води врз основа на двојни закони кои ги третираат граѓаните со различни стандарди“, рече Лимани.
„Според моите информации, тоа не е музеј на УЧК како што беше претставено, туку музеј кој ги бележи настаните од 1944 година, кога беа убиени селани од Сопот. Г-дин Ахмети беше таму како поканет гостин, па сите прашања ќе треба да ги упатите до организаторите. Според моите сознанија, тие велат дека тоа земјиште е семејно, семејството го изградило за да го одбележи настанот со мештаните, но ние немаме никаков удел во тоа“, рече министерот Османи.
Ајнур Бафќари