Имаме неповторлива шанса да обезбедиме европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во Собранието. Сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце, пред се пред сегашните и пред идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, не се прави личен политички рејтинг и не смее да се игра со емоциите на граѓаните, вели премиерот Димитар Ковачевски.
-Јас многу пати сум кажал дека јас сум човек којшто верува во остварување на целта и работи целта да се оствари. Ние имаме неповторлива шанса да обезбедиме европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во Собранието. Јас се надевам дека оние коишто секогаш во историјата биле против европските интеграции и атлантските интеграции на државата конечно за првпат во своето политичко постоење во Парламентот ќе покажат дека се за европска иднина на државата. Зошто го велам тоа сега? Затоа што, како што кажа и претседателката, сега има отворен прозорец за пристапување кон Европската унија. Ако до пред неколку години оваа тема воопшто не беше тема на широк консензус помеѓу земјите членки сега во овој геополитички момент сите земји се едногласни дека треба да има проширување, а проширувањето ако ја погледнете мапата на Европа практично значи обединување на Европа бидејќи земјите од Западен Балкан на сите свои граници се опкружени со земји на ЕУ, рече Ковачевски на новинарско порашање на заедничката прес-конфернеција со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Тој нагласи дека ние како држава имаме веќе 50 проценти усогласеност на нашето законодавство со ЕУ и имаме институции коишто целосно, вели, се усогласени со ЕУ.
-Нашиот економски систем е на ниво на перформанси коишто овозможуваат да добива макрофинансиска помош од ЕУ, ако не е така нема ни да се разговара за такви прашања. И затоа, сметам дека сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце, меѓутоа пред се одговорноста пред сегашните и пред идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, со вакви работи не се прави личен политички рејтинг, со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните, бидејќи тоа ќе значи единствено повторување на оној лош филм којшто го гледаме 11 години во државата кога имавме уназадување на меѓуетничките односи во Северна Македонија, во која што имавме уназадување во односите со соседите и кога еден милиметар на мрднавме во интеграциите во НАТО и во ЕУ и кога економијата не ни растеше повеќе од два проценти просечно годишно при инфлација од три проценти. И затоа велам дека лошите искуства од историјата не смеат да се повторуваат. Јас ќе продолжам заедно со коалиционите партнери, заедно со лидерите во коалицијата да работиме сонот за европска Македонија да се оствари до 2030 година, порача Ковачевски прашан што доколку не се донесат уставните измени.