По повод 15 Октомври, Денот на белиот стап, во Општина Пробиштип денеска се оддржа средба со претседателот и членовите на Здружението на слепи лица, информираат од кабинетот на градоначалникот Драган Анастасов. Во соопштението се наведува дека на работниот состанок присутни биле претставници од општинската администрација, ЈУ Центар засоцијална работа и ОО Црвен крст- Пробиштип.
Целта на состанокот беше да се предвидат нови мерки и активности во Програмата за социјална заштита за 2024 година.
-Општина Пробиштип од 2019 година ги субвенционира сметките за комунални услуги спрема ЈКП ,,Никола Карев”- Пробиштип на членовите на Здружението на слепи лица од Пробиштип согласно донесениот заклучок од Совет на Општина Пробиштип. Заради еднакви можности на лицата со оштетен вид на состанокот беше предложено да се предвидат финансиски средства во Програмата за социјална заштита за 2024 година и оваа мерка да важи за сите лица со оштетен вид од нашата општина, корисниците на правото на додаток за слепило од ЈУ Центар за социјална работа Пробиштип, стои во соопштението.
Од страна на Здружението на слепи лица беа доделени благодарници на соработниците и златни плакети на градоначалникот Драган Анастасов и претседавачот на советот Борче Миланов.























