Шефот на дипломатијата на РС Македонија Бујар Османи во интервју за ТВ 21 изјави дека најдобро е Никола Груевски да биде во Северна Македонија, од безбедносен аспект, бидејќи станува збор за човек кој знае се за земјава, а е во друга држава.
„Од политички аспект, има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, но од безбедносен аспект да имате премиер кој ви бил премиер 10 години и ги имал сите информации за државата, а е во рацете на друга држава тоа не е паметно за било која држава“, рече Османи.
Министерот додаде дека нема иницијатива Груевски да се врати.
„Најдобро е да е овде и да се справува со судските процеси што ги има. Тоа би било најдобро решение. Затоа ова го кажувам повеќе аналитички но целата оваа фама околу некаква комуникација е тој психолошки страв што ние не го разбираме“, додава Османи.
По изјавата на првиот дипломат, првата реакција дојде од претседателот на партијата Демократско движење Изет Меџити.
„За жал се потврдуваат нашите сомнежи, кога јавно прашавме дали Бујар Османи го посетил Груевски во Будимпешта и дали тоа го направил приватно или службено. Иако лично мислев дека ДУИ во 2016 се раздели со режимот на Никола Груевски, Османи докажа дека тајно одржувале комуникација и си помагале и се докажа дека работат на враќање на Груевски. Затоа го сменија Кривичниот Законик, затоа зборуваат за законот за амнестија, само да биде во функција на враќање на Груевски. Дали се подготвуваат да го вратат во Скопје на 23 октомври, денот на ВМРО?“, прашува Меџити.