Tекстот на меморандумот за соработка со кој ќе се постават темелите на идната економска соработка помеѓу Владата на Северна Македонија и Канцеларијата на претседателот на Република Кореја беше усогласен на денешната средба помеѓу заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, со бизнис делегација од Република Кореја предводена од Јанг Сунг Мин, висок советник за стратегии на претседателот на Јужна Кореја, која ја сочинуваа претставници на светски реномираните компании Hyundai, Samsung, LG, Лоте, и Корејската трговска и индустриска комора.

Како што пренесуваат од Владата, во изјава за медиуми после состанокот, вицепремиерот Битиќи информирал дека меморандумот за соработка ќе биде потпишан идната недела.

– Со овој меморандум ќе ја интензивираме и диверзифицираме веќе воспоставената трговска и инвестициска соработка, а фокусот ќе биде ставен на автомобилската индустрија, туризам, енергетската индустрија со акцент на таа од обновливи извори, ветер и водородна енергија, фармацевтската индустрија и инфраструктура. Меморандумот предвидува комуникација и соработка меѓу владините институции, поврзување на професионални организации, комори и здруженија, посети, контакти и активности наменети за унапредување на соработката помеѓу компании, службеници и економски организации, организирање на саеми, изложби, семинари и симпозиуми и други активности за промовирање на трговијата, рекол Битиќи.

Дополнил дека Северна Македонија како земја членка на НАТО има голем потенцијал за привлекување на странски инвестиции, а наш адут, според него, е добро образованата и квалификувана работна сила што не прави привлечна дестинација за странските бизниси.

– Компаниите кои се денеска присутни, се високо технолошко напредни компании кои креираат голема додадена вредност. Овие компании кои денеска се тука, се одраз на промената која ја донесовме а тоа е креирање на конкурентна економија со високо платени работни места. Токму ова корејските компании го имаат препознаено, рекол тој.

Високиот советник за стратегии на претседателот на Јужна Кореја, Јанг Сунг Мин, изјавил дека се дојдени во Северна Македонија со цел унапредување на економската соработка и билатералните односи меѓу Северна Македонија и Јужна Кореја.

– Имаме многу заеднички работи меѓу нашите две земји – имаме демократија во нашите држави, заеднички вредности, економските текови ни се заедничка цел, а исто така ги споделуваме и вредностите на НАТО, изјавил Сунг Мин.