На вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, САД и Израел повикаа на остра осуда на палестинските исламисти, кои владеат со блокираниот Појас Газа и започнаа ненадеен напад во саботата, а во борбите кои сè уште траат загинаа над 1 200 луѓе.
„Има голем број земји кои ги осудија нападите на Хамас. Очигледно, не сите. Веројатно можете да погодите кој е еден од нив без јас да кажам ништо“, изјави високиот американски дипломат Роберт Вуд по седницата зад затворени врати.
Според дипломатите, на Советот за безбедност не се разгледувала никаква заедничка изјава ниту, пак, обврзувачка резолуција, затоа што, како што велат, членките предводени од Русија инсистираат на поширок фокус наместо само на осуда на Хамас.
„Мојата порака беше веднаш да се запрат борбите и да се оди на прекин на огнот и на значајни преговори, што со децении го кажува и Советот за безбедност. Ова е делумно резултат на нерешени прашања“, рече Василиј Небензија, рускиот амбасадор во Обединетите нации.