Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е легитимно избрано и поддржано на партиски конгрес, така што ја има целосно мојата поддршка, вели поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, прашана за став за судирот на актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски и Никола Груевски.

На таа тема, Јанкулоска вели дека таа најдобро знае оти ВМРО-ДПМНЕ не претставува еден човек.

„Јас бев генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ можеби во најтешкото време. Тоа беше периодот по формирањето на ВМРО-Народна партија и периодот кога ВМРО-ДПМНЕ требаше да се консолидира, да излезе на избори и да покаже колку е цврста од внатре. Во 2005 година ние победивме на локалните избори, а 2006 г. формиравме влада. Мојата порака и тогаш и сега е една и единствена. Партијата ВМРО-ДПМНЕ не е еден човек, не е еден тим. Партијата е идеја и сите ние се идентификуваме со таа идеја. Единството е многу значајно и ВМРО-ДПМНЕ има легитимно избрано раководство и токму тоа раководство кое е легитимно избрано и поддржано на Конгрес, преку делегатите, ја има и мојата поддршка“, вели Јанкулоска.

Таа додава дека секогаш е против внатрепартиски поделби и формирање нови партии.

„Јас во сите мои години наназад, кога имало и други ситуации на одредени недоразбирања, кога некои мислеле дека треба да се решаваат со формирање нови партии, никогаш не сум ги поддржала и нема да поддржам такви размислувања. Доколку има недоразбирања, тие треба внатрепартиски да се решаваат, така што актуелното раководство, како легитимно избрано, ја има мојата поддршка“, изјави поранешната шефица на ресорот Внатрешни работи.