Со свечена церемонија денес Универзитетот во Тетово официјално ја започна новата академска 2023/2024 година. На плaтото пред Ректоратот на Универзитетот, околу две илјади студенти беа пречекани од академскиот кадар и раководството на оваа високообразовна установа.

На присутните им посака добредојде ректорот на Универзитетот во Тетово, професорот Јусуф Зејнели.

-Како што станувате дел од нашиот Универзитет, се приклучувате на заедницата која ја цени не само академската извонредност, туку и личниот раст, различноста и вклученоста. Веќе сочинувате мозаик од различни таленти, култури и позадини кои ја збогатуваат нашата академска средина. Во наредните години ќе наидете и на предизвици кои ќе ја тестираат вашата решителност, но запомнете дека предизвиците се прикриени можности. Преку нив се кова вашиот карактер и се реализира вашиот потенцијал. Универзитетот во Тетово и нашиот посветен персонал се тука да ве водат и поддржат на ова едукативно – научно патување. Ние нема да бидеме обични ментори, туку партнери во вашата потрага по знаење и мудрост. Постојано ќе се трудиме да создадеме подобра образовна средина за вас и да ви помогнеме да ги постигнете вашите академски цели, истакна ректорот Зејнели.

Тој потоа порача дека Тетовскиот универзитет е сериозна институција која нуди одлични можности за развој на студентите.

-Преку нашиот широк спектар на студиски програми, инфраструктура и ресурси, ќе ви понудиме бројни можности за професионален развој.Секој од вас носи уникатна перспектива и талент во нашата заедница. Вашите идеи, вашите страсти и вашите гласови се многу важни и за нас. Станете активен учесник во различни дискусии, клубови и активности, кои се организираат во голем број од различните факултети на нашиот универзитет. Во оваа институција ќе имате можност да истражувате нови интереси, да ги следите вашите страсти и да се подготвите за светла иднина. Ова е многу важна фаза во вашиот живот и е одлична можност за личен и професионален раст и развој, им порача ректорот Зејнели.

На настанот беше оддадена почит за Ерион Зенуни од Чегране, студент на Медицинскиот факултет кој вчера го загуби животот во сообраќајна несреќа на автопатот Тетово – Гостивар.