Министерот за правда, Кренар Лога, денеска ќе одржи брифинг со медиуми за сите актуелни теми, а потоа ќе даде и изјава за Предлог законот за амнестија со кој се предвидува растеретување на затворскиот систем. Владата неодамна даде зелено светло за ова законско решение, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави блокада.

Најавената амнестија ја разбранува јавноста со тоа кој сѐ би можел да биде опфатен со неа. Според лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, намерата на власта со овој закон е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни. За премиерот Димитар Ковачевски, блокадата е стратегија на опозицијата која постојано ја применува.

Откако Предлог законот за амнестија помина на Владина седница, Министерството за правда најави дека ќе го достави до Собранието и посочи дека очекува поддршка од сите пратеници за законското решение, чија цел, според нив, е да се овозможи ресоцијализација на сторителите на кривични дела и рестеретување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што  состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави блокада на законското решение, намерата на власта со овој закон е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни.