Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска во Собранието изјави дека нема индиции дека ситуацијата во Косово од викендов може да влијае врз Северна Македонија.
-Несомнено дека Северна Македонија од блиску ја следи ситуацијата во Косово, имајќи го во предвид фактот што сме полноправна членка на НАТО и директно инволвирани во мисијата на КФОР во Косово и од таму се следи од блиску состојбата. По однос на можното влијание врз Република Северна Македонија, секако дека институциите водат сметка за сите информации кои што би можеле да имаат влијание. Но, во моментот нема такви индиции дека би можело да има последици по Република Северна Македонија, рече Џафери и упати сочувство до косовските институции и семејствата на лицата кои го изгубија животот во инцидентите од викендов во Косово.
Спикерот Џафери на брифингот со новинарите потенцира дека надлежните институции ја следат од блиску состојбата во Косово и според тоа ќе прерземаат мерки.
-Институциите си ја вршат си ја вршат својата работа со она што се обврзани и надлежни. Ја следат целокупната состојба и соодветно на тоа по потреба и да се преземаат соодветни мерки, рече Џафери.
На новинарско прашање до каде е процедурата со Анкетната комисија за случувањата во Клиниката за онкологија, откако Парламентот даде зелено светло за нејзино формирање, Џафери истакна дека тоа веќе не е негова надлежност и ги упати новинарите за оваа прашање да ја контактираат претседателката на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска.