Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак остро го осуди синоќешниот „ужасен напад врз косовската полиција“.

– Насилството во која било форма е апсолутно неприфатливо. Моето срце е со жртвите, нивните семејства и колеги. Сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Сите мора веднаш да се вратат на дијалогот, напиша Лајчак на Х.

„При извршување на полициски работи, во 02:34 часот во Северна Митровица, единицата за брза интервенција на граничната полиција забележала дека на влезот во село Бањска, на мостот се поставени два тешки камиони (без регистарски ознаки), а влезот на мостот бил блокиран“, соопшти косовската полиција и додаде дека три единици се упатиле во правец на локацијата.

„Веднаш штом пристигнале на местото на блокадата, наишле на отпор, при што од некои позиции било пукано од различен арсенал на огнено оружје, вклучително и рачни бомби и пиштоли, при што биле застрелани двајца полицајци“, се вели во соопштението.

Полициските единици, како што тврдат, реагирале во самоодбрана и успеале да го одбијат првичниот напад за да создадат услови за пружање помош и повлекување на погодените колеги.

„Повредените полицајци се извлечени од локацијата и пренесени во Регионалната болница во Јужна Митровица, каде лекарот констатирал смрт на едниот, додека другиот е повреден“, се вели во соопштението.

Агенцијата Косова прес јави дека полицијата потврдила оти е убиен еден од напаѓачите на косовската полиција. Според агенцијата, ситуацијата останува тензична и често има размена на оган меѓу напаѓачите и косовската полиција. Исто така, затворени се и двата гранични пункта со Србија, Јариња и Берњак. ј