„Партиската машинерија што му ја оставив ја стави во функција против мене и за создавање раскол…“, вели Никола Груевски во одговорот до Христијан Мицкоски.
Малку од целото писмо што Никола Груевски му го испрати на Христијан Мицкоски беше објавено на мејнстрим медиумите, оние истите кои една деценија беа дел од таа машинерија за која говори Груевски. Оние кои беа добро платени да ја шират пропагандата на таа партија.
За прв пат Никола Груевски јавно признава постоење на „партиска машинерија“ што Мицкоски сега ја става во погон „во одбрана на неговите параноични, штетни и безсмислени чекори и политики“.
„Сето тоа може да му биде интересно до следните избори“, вели Груевски, „кога политиката на создавање непријатели ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува ‘партиската машинерија’ која му ја оставив“.
Сега деловите на машинеријата му вртат грб и срамежливо, но сепак се ставаат во служба на сегашниот господар на партијата, надевајќи се или стравувајќи дека овој сегашниов допрва ќе биде власт, а тие ќе останат на „суво“.
Но што ако Никола Груевски навистина се врати! Каде ќе се сокријат сегашните поданици на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ!
Гледано од страна, внатрепартиската битка е нивна работа и ако сакаат нека си ја тераат до истребување, зашто во суштина и нема голема разлика во табиетот и начинот на владеење на двајцата лидери. Под ист бичим се правени. Имено вториот е излезен од главата на првиот, како Атина од Зевс. Но тоа не треба да е грижа за членството, ниедна партија не пропаднала поради еден човек, па дури тој да бил и лидер. Секогаш ќе се изроди некој нов, како многу пати досега.
И кога сме веќе кај лидерството, интерсен е одговорот што Христијан Мицкоски му го упатува на својот претходник во Будимпешта кога вели „А нас политичарите народот не бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки“. Навистина иронично звучи ова кога е општо познато дека Мицкоски не е избран од народот, туку токму од Никола Груевски. Го избра, го стави на столче во „белата палата“ и му ја остави партијата (сосе машинеријата).
Кога веќе се зборува за тоа кој го нарушил единството во партијата, од досега очигледното, произлегува дека тоа го прави Христијан Мицкоски. „Ничим изазван“ тој му ја натовари вината на Груевски за веројатно да има оправдување за веќе постоечкото не единство околу уставните измени и европската перспектива на земјата.
Имено на Мицкоски му беше доволна причина „бувата“ што во јавноста ја пушти Али Ахмети, мастермајндот на македонската политичка сцена, за тајни преговори за враќање на Груевски, за да ја почне кампањата против Никола.
Од таму и револтот кај Груевски. Затоа во одговорот и му забележува на својот наследник дека „изнасилено си создаде нов противник наместо да се занимава со власта, која седма година не може да ја сруши“.
Според Груевски со ваков начн на водење на партијата Мицкоски нема да има добри изборни резултати кои, како што вели, „се очекувани од сите нас“, па затоа си создава алиби.
Провокациите од негова страна не се од вчера, вели Груевски, и веројатно мисли на изјавата на Мицкоски дека „Секој што е бегалец од правдата треба да се соочи неа“ со што директно му порача дека ако се врати, тој (доколку биде на влкаст)- ќе го уапси.
Таа изјава сега навистина станува активна и добива на тежина. Ќе треба да се почека и да се види дали некогаш, кога Никола Груевски ќе се врати и ќе ја бакнува земјата Мицкоски ќе го чека со „марица“ или со „понадица“.
Превземено од Рацин.мк