Вицепремиерката Славица Грковска очекува од ДКСК да утврди дали имало тргување со влијание и дека ќе се бара одговорност за ненавремените контроли во случајот со задоцнетиот рок за враќање пари од донаторот „Еуровиа“.

– Јас очекувам од ДКСК да продолжи и понатаму во насока на нивните надлежности и да утврди од кои причини еден месец пред тендерот, парите се вратени, кој треба да ја направи контролата, бидејќи има рок во законот кога треба да се вратат парите. Да се утврди, дали како што ДКСК најави, имало тргување со влијание, што е надлежност на ДКСК. Очекувам дека тоа ќе продолжи и во наредниов период, бидејќи сепак има прекршување и треба да има одговорност. Врз основа на наодот на ДКСК, така и ќе постапуваме, рече Грковска во врска со финансирањето на политичката партија ДУИ и забелешките на Државната комисија за спречување на корупција.

Грковска денеска учествуваше на тркалезна маса на тема „Пријавување и управување со примени дарови и други погодности: каде сме и што треба да направиме?“.