Европскиот парламент денеска конечно го одобри назначувањето на бугарската еврокомесарка Илијана Иванова, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Ова се случи за време на гласањето на пленарната седница на Парламентот во Стразбур, што ја отвори претседателката на ЕП, Роберта Мецола.

Пратениците гласаа со 522 гласа „За“, 51 беа „Воздржани“ а 27 гласаа „Против“.

Иванова веќе беше одобрена од претседателката на институцијата Роберта Мецола и од лидерите на политичките групи, откако минатата недела беше сослушана од две собраниски комисии, потсетува БГНЕС.

Илијана Иванова доби позитивни оценки од комисиите за индустрија и култура, кои ја идентификуваа како одличен кандидат. Бугарката ќе го преземе секторот за иновации, научно истражување, култура, образование, млади и спорт и ќе биде комесар до крајот на мандатот на оваа Европска комисија следната година.

Илијана Иванова досега беше бугарски претставник во Европскиот суд на ревизори, а пред тоа – пратеник во Европскиот парламент од редовите на ГЕРБ. Во Европската комисија, таа ја презема функцијата од Марија Габриел, која поднесе оставка од функцијата еврокомесар во мај за да стане вицепремиер и министер за надворешни работи на Бугарија.

За конечно да ја преземе функцијата, Иванова ќе треба да добие одобрение од Европскиот совет, што се очекува да се случи до крајот на неделата.