Од вкупниот број лица на возраст од 18 до 69 години во државава, 346 155 минатата 2022 година посетувале образование и доживотно учење.  Од нив 167 826 (48,5 отсто) се мажи, а 178 329 (51,5 отсто) се жени, покажуваат резултатите од Анкетатата за образование на возрасни лица за 2022 година кои денеска ги објави Државниот завод за статистика.

Најголемо учество во образованието (28,1 проценти), како што објави ДЗС, имаат лицата на
возраст од 18 до 24 години, додека најмалку (0,3 отсто) се застапени лицата на возраст од 65 до 69 години.

-Стапката на лица кои учествувале во образование и обука, во 2022 година, изнесува 27,7, додека кај лицата на возраст од 25 до 34 години стапката изнесува 37,2. Од лицата кои посетувале формално или неформално образование, 35,8 проценти (124 001) посетувале формално образование, додека 71,8 проценти (248 582) посетувале неформално образование. Со више и високо образование, формално образование посетувале 21,9 отсто од лицата, додека неформално образование посетувале 51,1 отсто, наведува Државниот завод за статистика.

Според економската активност, 41,2 отсто вработени лица посетувале формално образование, додека
93,6 проценти посетувале неформално образование. Според видот на активноста, од вкупниот број лица кои посетувале неформално образование, 48,7 отсто имале обука на работното место, 37,8 отсто посетувале курсеви, додека 29,1 отсто учествувале на работилници и семинари.

-Вработените лица (52,0 проценти) најмногу посетувале обука на работното место, додека неактивното население не посетувалo никаква обука. Учеството во неформалното образование поради поврзаноста со работата е најмногу забележливо кај лицата на возраст од 35 до 44 години (29,7 проценти), а според половата структура, поголем процент жени на возраст од 35 до 44 години (31,0 отсто) посетувале неформално образование поради поврзаност со работата, во споредба со мажите, кај кои тој процент е помал (28,4), се наведува во објавата на ДЗС.

Во текот на 2022 година, 626 169 лица биле вклучени во процесот на информално учење. Од нив, 49,4 проценти се мажи, додека 50,6 отсто се жени, а најголемо учество во овој процес на учење е забележано кај лицата на возраст од 25 до 34 години.