Во трите воспитно-образовни установи во Делчево денеска за 1353 ученици успешно почна учебната година. Како што информираше советникот за образование Ванчо Новоселски, учебната година започнала без проблеми во двете основни училишта „Ванчо Прке“ и „Св.Климент Охридски“ и гимназијата „Методи Митевски Брицо“ каде првпат на училиште денеска тргнаа 99 првачиња, како и 90 ученици во прва година гимназија.
-Годинава настава во Делчево првпат почнаа да посетуваат 45 првачиња во деветолетката „Ванчо Прке“ и 54 првачиња во општинското основно училиште „Св.Климент Охридски“. Што се однесува до вкупниот број ученици, настава во учебната 2023/24 ќе следат 488 деветоодделенци во ООУ „Ванчо Прке“ и 503 ученици во деветолетката „Св.Климент Охридски“, како и 362 ученици, од кои 90 се запишани во прва година во Средното општинско училиште „Методи Митевски-Брицо“, информираше Новоселски.
Заменик-директорката на деветолетката „Ванчо Прке“, Маријана Стоименовска, на сите првачиња им посака добредојде, а на родителите трпеливост за времето додека ги учат основите на образованието.
-Имаме многу насмевки, мирни се учениците, слободно доаѓаат на училиште, нема плачење. Вкупниот број на ученици варира и ќе се менува за неколку ученици повеќе или помалку. Освен на учениците, им посакувам среќен почеток и на родителите, многу храброст и посветеност и заедно да ги следиме како растат како се воспитуваат и секако како се образуваат, рече Стоименовска.
За директорот на општинското основно училиште „Св.Климент Охридски“ Горан Димитровски нема ништо поубаво кога родителот првпат го праќа своето дете на училиште.

-Драги првачиња, има денови од животот кои никогаш не се забораваат, еден од тие денови е секако денот кога првпат се тргнува на училитше. Токму затоа овде сме собрани да бидеме сведоци на вашата радост и возбуда и да ви дадеме поддршка за вашето чекорење во образованието. Знам дека сте возбудени, но верувајте нема ништо поубаво од тоа да се биде ученик и наскоро самите ќе се уверите во тоа. Во името на сите вработение на првачињата и сите ученици им посакувам среќна и успешна учебна година, рече Димитровски.
Најубавите години се ученичките години, а образованието е битна алка за секој поединец, порача градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
-Не заборавајте дека училиштето е значаен и интересен предизвик кој ги отвора вратите на знаењата, напредокот и личниот развој. Најубавите години се ученичките години, а образованието е битна алка за секој поединец. Затоа, влезете во образовниот процес со насмевка и со цел да постигнете резултати и да се изградите во личности кои утре ќе ја градат иднината на нашето Делчево и нашата држава. Вашите наставници се тука да ви помогнат и да ве водат во предизвикот, а Општина Делчево и јас, како градоначалник, ќе ве поттикнуваме со награди и стипендии да постигнувате успеси во натпреварот на знаења. Ви посакувам среќа и многу успеси, рече Трајковски.
Со цел помош на родителите кои имаат потешкотии во обезбедувањето училиштен прибор, Општинската организација на Црвен крст Делчево утре во Делчево ќе спроведе акција за донирање училишен прибор.





















