Технички проблеми има во ученичкиот дом во Кавадарци, шеесет средношколци од други места не можат да бидат сместени во интернат додека се школуваат овде, реагираа денеска вработени во оваа установа.

– Државниот ученички дом ,,Крсте Мисирков” во Кавадарци денес на првиот ден од новата учебна година не ги прими учениците кои се примени оваа година да престојуваат во домот, поради тоа што во домот е исклучена струјата за неплатени  долгови кон ЕВН. Доцнат и платите на вработените, се пожалија некои од нив.

На официјалната интернет страница на домот, има известување до учениците кои се примени во ДУД ,,Крсте П. Мисирков”, Кавадарци дека денеска нема да можат да се сместат во Домот поради технички причини.

-Вселувањето, сместувањето на учениците во Домот ќе биде извршено најкасно до 06.09.2023 година, пишува во известувањето.

На прашање од МИА, од раководството на Домот не сакаа да коментираат, само рекоа дека интензивно работат на решавање на сите проблеми и очекуваат тие да бидат надминати во најбрзо време.