Новата учебна година во деветте основни училишта во Струмица ќе ја почнат 442 првачиња, колку што се запишале заклучно со 31 мај годинава, а во трите средни училишта бројот на средношколците е скоро преполовен, односно се запишале 670, а остануваат слободни места за уште 555 ученици.

Овие податоци ги соопштија од Општина Струмица пред почетокот на новата учебна година, од каде дополнуваат дека досегашната пракса покажува дека во периодот до почетокот на новата учебна година и во текот на месец септември се уште се запишуваат ученици во прво одделение. Се очекува и оваа учебна година во прво одделение да бидат запишани уште 80-100 деца.

Истото се однесува и за средните училишта, каде до крајот на овој месец, кога се уште се запишуваат ученици, ќе се знае прелиминарниот вкупен број, бидејќи и на почетокот на учебната година, иако во мал број, секогаш има појава на мигрирање од едно во друго средно училиште или дополнително запишување.

За споредба во истиот период минатата година, по конкурс потреба за учебната 2022/23 година била објавена за 1.209 ученици, а биле примени 714 ученици. Слободни места останале за 495 ученици. Во учебните години 2019/20, 2020/21 и 2021/22 во прва година биле запишани 757, 728, односно 683 ученици.

Најголем интерес за запишување во прва година имало за здравствената струка во СОУУД „Димитар Влахов“, електротехничката (четиригодишно образование) и сообраќајната струка во СОУ „Никола Карев“, а во СОУ „Јане Сандански“ за гимназиското образование-природно-математичко подрачје (комбинација А) и економско-правната и трговска струка.

Во учебните години од 2018 до 2021 бројот на запишани деца во прво одделение се движи од 588 до 636, односно во учебната 2019/20 биле запишани најмногу-636, а во учебната 2021/22 биле запишани најмалку-588 ученици.

Годинава во четири населени места-Раборци, Попчево, Габрово и Мемешли, според последните податоци од месец мај, нема запишани ученици во прво одделение.

Интересно е што во наредните шест години се очекува намалување на бројот на првачиња, бидејќи според податоците за новородени деца од 2017 до 2022 година кои ќе стасуваат за запишување, постојано се намалува. Во 2017 година се родени 636 деца, кои се запишаа годинава, во 2018 бројот на новородени деца е 607, во 2019 година-535, пред три години-502, преклани-480 и лани 474 новоредни деца.

И годинава Општина Струмица исплати еднократна парична помош од две илјади денари на семејства со првачиња кои за прв пат се запишани во новата учебна година во основните училишта.