Силна поддршка од Обединетото Кралство за натамошен развој на нашата земја, согласно државните стратешки интеграциски цели, беше изразена на денешната средба во Скопје меѓу премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во земјава, Метју Лосон.

На средбата, информираат од владината прес-служба, констатирано е дека граѓаните на Северна Македонија имаат конкретна можност, појасна од кога било, за унапредување на квалитетот на живот, а државата за економски напредок и дека ваквите околности бараат политичка храброст и зрелост во одлучувањето за натамошните чекори.

Оценето е дека земјава е значаен фактор на стабилноста и безбедноста во Западен Балкан, како и во поширок геостратешки контекст и е истакната важноста од натамошен придонес во безбедносниот контекст.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за традиционалното, долгогодишно и искрено пријателство со Обединетото Кралство, што се одразува со поддршка за сите клучни процеси од значење за демократскиот и економскиот развој на државава.