Екипа на ТВ Алсат денеска беше нападната додека беше на должност. Прво вербално, а потоа и физички напад се случи во Старата скопска чаршија, додека двете новинарки на Алсат Ера Ѓакова и Сара Хоџа заедно со снимателот беа на терен. Лице кое има продавница во близина, без повод и причина со остар предмет им се заканувал на новинарките и на снимателот, дури и по живот. Потоа, без повод и причина, лицето физички го нападнало снимателот, нанесувајќи му повеќе повреди на различни делови од телото.

Реагираше ЗНМ:

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за денешниот напад кон нашите колеги од ТВ Алсат, Скопје.

Имено, денеска за време на снимањето инсерти за промо на емисија во Скопската чаршија на јавна површина, нападнати се снимател и новинарките Ера Ѓакова и Сара Хоџа од страна на сопственик на берберница во скопската чаршија.

Според изјавите на нашите колеги, додека снимале инсерти во чаршијата за потребите на емисијата од еден од дуќаните излегол сопственикот, бербер со ножици и им се обратил со вербални навреди и закани по живот, при што на снимателот му нанел видливи повреди на главата.

При физичкиот напад била оштетена и опремата на снимателот. ЗНМ веднаш контактираше со новинарката од Алсат, Ера Ѓакова која беше видно вознемирена ни го потврди инцидентот и ни даде конкретни информации дека: Екипата со која снимале на терен била нападната без причина од страна на непознато лице, ситуацијата била непредвидлива и многу вознемирувачка, особено за нападнатиот снимател а и за колешката Сара Хоџа на која ова не и е прв пат да биде нападната, “лицето по нападот се врати во дуќанот а потоа повторно илезе, но кога виде дека веќе се собраа минувачи да помогнат а и дека е повикана полициска екипа се упати во непознат правец ”.

ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот.

Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина.