Младите се носители на прогресот во секое општество, предводници во реализација на нови, свежи и храбри идеи за чие остварување треба да сме им поддршка. Затоа како Влада се фокусираме на креирање конкретни мерки кои ќе ги зголемат можностите за вработување на младите. Ги охрабрувам младите – бидете гласни, нека се слуша вашиот глас, заслужувате иднина за која ние како генерација пред вас ќе се бориме со храбри и државнички одлуки, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски во честитката по повод Меѓународниот ден на младите, 12 август.
Како што наведува премиерот Ковачевски, од 2018 година до денес, над 80 000 млади лица се вклучиле во „Гаранцијата за млади“, додека речиси 40 отсто од учесниците во оваа мерка добиле понуда за вработување, континуирано образование и обука и биле вклучени во практикантство.
-За оние до 23 години кои работат во производство воведовме дополнителен, младински додаток на плата од 3.000 денари, а студирањето го олеснуваме со субвенционирање на студентскиот оброк. Но, како Влада сме одговорни и да им овозможиме на младите иднина и многу повеќе можности кои ќе ги реализираат во земјава, наместо надвор од неа. Затоа се бориме да го отвориме целосно патот кон Европската Унија, кој чекорејќи го заедно со младите ќе го подобрува нивниот живот тука. Затоа сега е моментот да им докажеме дека мислиме на нив, и дека нема да ги закочиме нивните можности и придобивки кои ЕУ ги обезбедува и без да се селат надвор од татковината“, пишува Ковачевски во честитката.