Потребно е да се направи комплетен ресет на здравствениот систем и приватното здравство да се интегрира во системот, според д-р Даниловски, епидемиолог и поранешен министер за здравство. Во интервју за Канал 5 телевизија д-р Даниловски зборува зашто пациентите се принудени операциите да ги направат наместо во државното, во приватно здравство и зошто здравствениот систем не функционира.

„Постојат информации дека електронската евиденција на закажаните термини во „Мој термин“ во клиниките но и на ниво на Министерство за здравство во Управата за електронско здравство се води нестручно затоа што структура на вработените не е избирана врз основа на стручни критериуми туку врз основа на други. Исто така, отсутна е нередовна контрола на електронските евиденции на термините во клиниките. Член 39 В од ЗЗЗ вели дека таква контрола мора да има. Трето – постои непочитување на условите за вршење дополнителна дејност. Но иако законот тоа го дозволува, сам доктор не може да изврши злоупотреба, тој мора да е во дослух со раководни лица од клиниката за да може да ја злоупотреби таа можност за дополнителна дејност. Понатаму постои нешто што се вика обврска да се следи и унапредува квалитетот на здравствените услуги. Постои обврска, член 235 од ЗЗЗ која вели дека треба да постои комисија за следење на тој квалитет. Ако тие комисии ги нема или не функционираат како што треба ете уште еден фактор што поттикнува неквалитет и злоупотреба“, вели д-р Даниловски.

Според д-р Даниловски начин како да се поправи ваквата состојба е менување на работите од корен, во здравственото образование и целосно интегрирање на приватното здравство во јавното.

„Прво веднаш треба да се интегрираат приватниот сектор, односно приватното здраво во системот. Не може да постои систем во систем, не може тој систем да постои вон интегралниот здравствен систем во државата. Тоа значи, услугите и во приватното здравство да бидат на товар на фондот. Во електронскиот систем „Мој термин“, и приватно здравство да биде вклучено со термини кои ќе бидат на располагање на граѓаните. Сите кои се огрешиле во законот, треба да бидат санкционирани. Да се донесат нови луѓе, професионалци а не партиски војници и да се почне од почеток. Потребен ни е комплетен ресет на системот. Но треба да се почне од коренот, а коренот е медицинското образование. Потребен ни е комплетен ресет на медицинското образование, а во медицинското образование акцент да се стави на медицинската етика. Понатаму здравствениот систем да се исчисти од партиски влијанија при вработувања и при раководни лица.  Мора да се воспостави нов систем на вредности. За почеток да почнеме да го почитуваме Законот каде се е убаво напишано и Хипократовата заклетва, инаку ќе продолжиме да тонеме во жив песок,“ вели д-р Даниловски.