Вицепремиерот Бојан Маричиќ верува дека нема да има никакви компликации за нашите преговори со ЕУ ако Македонија си ја заврши задачата.
– Бугарија нема да дава дополнителни причини за блокирање ако ние си ја завршиме задачата. Доколку во најлош случај дојде до тоа, тие би се соочиле со сериозен притисок од заедницата. Мислам дека има добра волја од страна на новата влада да нема дополнителни прашања што ќе го забават процесот, рече Маричиќ.
Тој истакна дека Владата до крајот на својот мандат нема да се откаже од обидите да бидат усвоени уставните измени. Укажа дека е многу важно тоа да се случи годинава за време на проширувањето.
Според вицепремиерот, идеално би било во текот на септември да биде усвоен извештајот за скринингот за првиот кластер и да ја добиеме поканата за доставување на патоказите.