Полицијата постапува секогаш кога се исполнети законските овластувања за нејзино постапување. И утрово полицијата имаше интервенција, меѓутоа секогаш кога за тоа има причина и врз основа на направени проценки, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од собраниската говорница околу случувањата во Слупчане и во неколку места во Липково каде жители не им дозволуваат на екипите на ЕВН да работат на мрежата.

– Во однос на тоа што се случува не само во Слупчане, туку и во неколку места во Липково, тоа е состојба којашто, според мене, е недозволена и во тој дел апсолутно не еднаш, туку неколку пати постапувала македонската полиција заедно и во разговор со сите институции, дури и со локалната власт, рече Спасовски, во одговор на пратеничко прашање од Борислав Крмов од Левица.

Вашата теза дека нема суверенитет на цела територија на државата, рече Спасовски, не само што е невистинита, туку е и опасна.

– Пласирањето на ваквите тези придонесува многу повеќе да губи Македонија и тоа е клучната работа што треба да ја имате предвид, нагласи министерот за внатрешни работи.

Посочи дека целата ситуација во Слупчане ќе заврши, меѓутоа, како што рече, не треба да заврши со кревање на тензиите.

-Прво, на територија на Општина Липково постојат неколку полициски станици коишто работат  секојдневно и тоа покажува дека целосната контрола и соработката на граѓаните е на едно високо ниво како што е и во другите општини во државата. И во Слупчане целата оваа состојба ќе се заврши, меѓутоа не треба да се заврши со зовривање на атмосферата и со кревање на тензиите заради тоа што тоа не му одговара на никој да имаме кревање на тензии кои што можат да прераснат во меѓуетнички тензии. Овде станува збор за луѓе кои што не сакаат да ги исполнат обврските, односно да плаќаат и тие за тоа мораат да сносат одговорност и последици. Сите оние граѓани кои учествувале на блокади, се спротивставувале на службени лица ќе им бидат поднесени соодветни поднесоци и за тоа ќе носат одговорност, рече Спасовски.