Во североисточните делови од земјава попладнево е нестабилно со локална појава на невреме проследено со електрични празнења, интензивен пороен дожд, град и силен ветер. Со поинтензивни процеси беа опфатени подрачјата на Кратово, Пробиштип, Кочани, Виница. Доцна попладне невреме ја зафати и Скопската Котлина, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Како што најавуваат, во северните, централните и источните делови и во наредните часови ќе биде нестабилно со услови за локална појава на невреме со силен ветер, пороен дожд, електрични празнења и град. Во текот на ноќта атмосферата ќе се стабилизира.
Центарот за управување со кризи претодно информираше дека нестабилна облачна маса од територијата на Косово се префрла кон државава и се очекува во наредниот час да го зафати подрачјето на Скопската Котлина, особено нејзиниот источен дел, како и Кумановскиот регион
УХМР најавува дека утре ќе биде претежно сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 33 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува девет. Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне 38 степени.
-До среда ќе се задржи многу топло време со високи утрински и дневни температури, како и многу висок УВ индекс. Најтопло ќе биде во вторник и во среда, кога ќе дува засилен југозападен ветер. Значителна промена ќе има во четврток, кога ветерот ќе се промени во северен, а дневната температура ќе се намали за десетина степени, прогнозира УХМР