Албанија е потресена од неколку несреќи во кои имаше повеќе жртви. Само вчера имаше 11 загинати. Најсериозен настан беше оној во Грамш каде четворица членови на семејството Зогу се удавиле додека се капеле во езерото. Станува збор за татко, неговите два сина на 14 и 19 години и неговиот 20-годишен внук. Нивните тела полицијата успеа да ги извлече дури во вечерните часови.
„Настанот, по сè изгледа е многу сериозен! Таткото и неговите два сина дошле да се капат и се влечеле меѓусебно за да се спасат. Тој влегол прв, отишол да му помогне вториот, а сите тројца не знаеле да пливаат. Исто така и четвртиот не знаел да плива и се удавиле. Овде во езерото за жал имаше неколку дупки направени во времето на изградбата ХЕЦ Бања. Тие дупки се длабоки и кога влегле не знаеле, па паднале директно во тие дупки“, рече Илир Лапуши, шеф на противпожарната служба во Грамш.
На плажите кај Драч и Талес имаше уште двајца починати. 68-годишен маж во Порто Романо влегол во водата, му се слошило и починал. Друг сличен настан имало и на плажата Талес каде животот го загубил 52-годишен гостин.
Во разни сообраќајни несреќи во петокот во Албанија животот го загубија 11 лица.
Аднан Ќаили