Во Итната медицинска помош во Скопје деновиве е зголем бројот на повици, а денеска, за разлика од другите денови, има многу интервенции на јавни места, но не само за колапси од топлото време, изјави за МИА д-р Ѓорѓи Карамановски, одговорен на смена во ИМП.

Во цела недела, како што рече, имало повеќе сообраќајни незгоди, минимум по пет до шест во текот на денот, а бројот на колапси бил од четири до пет.

-Денеска нема нешто што е екстремно, сообраќајките се помалку, од утрото има две со полесни повреди. Колапсите  се стандардно колку што се секој ден. Но има многу интервеции на јавни места, и тоа не се само колапси, туку и повредени, паднати итн. Имаше превртен од трактор во село Смесница во Зелениково, епи-напад во Градски парк, рече д-р Карамановски.

Колапсите се должат, најверојатно, на топлото време и поради тоа што граѓаните не ги слушаат препораките да се избегнува  излегување кога е најжешко.

-На пример сега, во 13.15 часот, имаше колабирана на Зелен пазар. И тоа беше помлада госпоѓа, која очигледно не ги почитувала препораките што ги упатуваме преку јавните медиуми и во 13.15 излегла да пазари, рече одговорниот доктор на смена во ИМП.

И сообраќајките денес, во кои нема потешко повредени, според лекарот, можеби се последица и од намалена концентрација.

-Повредите се полесни. Очигледно намалена концентрација, сите брзаат некаде, топлото време си го прави своето, исто како и динамичниот живот, додава докторот.

Тој укажува да се почитуваат здравствените препораки – во овој период не се излегува, се зема доволно количина течности, се носи лесна и светла облека, капи, очила за сонце.

Поради годишните одмори, Итната медицинска помош работи со редуциран број екипи на терен.