Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека причините зошто вака предложените измени на Уставот се неприфатливи за нив се повеќеслојни, и пред сѐ, како што вели, „врзани со непостоењето на никакви гаранции дека ова ќе биде последната отстапка на патот кон ЕУ што Македонија треба да ја направи, поради отсуството на механизми за заштита на идентитетските прашања, како и понатамошни други теми кои може да се отворат со прифаќањето на измените, особено во делот на активната работа на Комитетот за односите меѓу заедниците“.
-Се чини дека доколку и оваа брана се пробие, утре нема ништо да го запре источниот сосед, врз основа на имагинарни бројки да бара и квоти за вработување на Бугарите, соодветна и правична застапеност и ред други барања кои ќе бидат производ на политиката, а не на реалните потреби, вели Мицкоски во изјава за Дојче веле на македонски.
Тој оценува дека со актуелната Влада разградувањето на политичкиот и националниот супстрат на Македонците започнува од внатре.
-Клучната грешка на оваа Влада е што презема обврски во овие процеси кои подоцна не може да ги реализира, поточно тие потпишаа документи без да постигнат консензус со опозицијата, и сосема природно и очекувано е тој процес да не однесе во слепа улица. И ова не го велам од суетни причини затоа што не не консултирале, туку поради суштински и практични причини: затоа што консултирањето на ВМРО-ДПМНЕ за процесите можеше само да издејствува подобро и правично решение за Македонија. Не може Бугарија да отвора процес за уставни измени во Македонија, а македонската Влада да не побара од Бугарија – барем три од вкупно 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур да се реализираат во корист на тамошните Македонци. Не може Македонија да менува Устав, а да нема никаква конкретна помош за Македонија, ниту пак гаранција за нашите идентитетски обележја, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Во низата од забелешки потсетува и дека секоја нивна добра намера за фер решение, била минирана со ситно политиканство на другата страна. Тој вели дека Владата по последната лидерска средба наместо сериозно да ги разгледа аргументите и предлозите што ги дала опозициската партија, тие решиле да прават спинови и д аја лажат јавноста, а исто така веќе една година ја лажат јавноста дека само што не обезбедиле двотретинско мнозинство за уставни измени.
-Затоа единственото оддржливо решение во овој момент се изборите кои се излез од политичката и економската криза. Да не се губи време и уште оваа есен тие да се организираат и да се внесе нова енергија за придвижување на процесите важни за граѓаните, порачува Мицкоски во изјавата за Дојче веле.