Разгневени демонстранти синоќа накратко навлегоа во шведската амбасада во Багдад и запалија одделни простории, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.
Очевидци сведочат дека многумина од демонстрантите успеале да ги прескокнат заштитните огради, извикувајќи пароли како „Да, да за Коранот“, а снимки на социјалните мрежи прикажуваат оган и облаци чад над зградата.
Протестот беше инициран од приврзаниците на влијателниот ирачки шиитски водач, Моктада ал-Садр, како реакција на планираното палење на примерок на Коранот пред ирачката амбасада во Стокхолм, за што шведската полиција веќе издаде дозвола. Според шведската новинска агенција ТТ, одобрена е акција во која едно лице ќе запали примерок на Коранот и ирачко знаме.
Шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека е во постојан контакт со своите соработници во Багдад и тие се наоѓаат на безбедно место. „Ги осудуваме нападите врз дипломати и соработници на меѓународни организации“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека заштитата на дипломатските претставништва е задача на ирачките безбедносни власти. За време на синоќешните немири, на видеата не се гледа голем отпор на припадниците на ирачката безбедност.