Во врска со големиот број прашања од медиумите во врска со природата на европскиот компромис постигнат во 2022 година за европскиот пат на Република Северна Македонија, Република Бугарија сака да потсети на следново:

Основен принцип на меѓународното право е Pacta sunt servanda. Договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални. Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува контрамерки. Од нашите пријатели во Северна Македонија секогаш очекувавме совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување, стои во позицијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија во однос на европската интеграција на РС Македонија.

„Патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите манипулативно да се претстават веќе договорените и опишани услови во компромисот од 2022 година како некои нови барања на Република Бугарија.

Преговарачката рамка, која според одлуката на Советот на ЕУ ќе и биде предадена на Северна Македонија по завршувањето на фазата на отворање на преговорите, експлицитно ги утврдува принципите што ќе ги дефинираат преговорите за членство. Во точката 5 се нагласува дека напредокот на земјата апликант ќе се мери според јасно дефинирани услови, меѓу кои се Копенхашките критериуми, Процесот за стабилизација и асоцијација и „… Посветеноста на Северна Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување на опипливи резултати и совесно спроведување на билатералните договори, вклучително и […] Договорот за добрососедски односи со Република Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефикасно спроведување согласно чл. 12 од овој договор“.

Бугарија нема нови услови кон Северна Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – „… стапување во сила на измените на Уставот на Северна Македонија за оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, вклучително и преку уставен закон за нивно спроведување“.

Во врска со ескалацијата на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во Северна Македонија и злосторството од омраза извршено врз г-дин Христијан Пендиков, потсетуваме дека вториот осомничен напаѓач се уште не е уапсен и успешно бега од правдата, а првоосомничениот напаѓач го спречува спроведувањето на судските рочишта и побара да му биде вратен меѓународниот пасош. Во оваа смисла, институциите во Северна Македонија допрва треба да ја докажат сериозноста со која ќе гонат злосторствата од омраза врз Бугарите во соседната земја“, стои во позицијата на бугарското МНР.