По информацијата за убиството во Халкидики Грција, Амбасадата на Северна Македонија во Атина стапила во контакт со надлежните институции, односно полицијата во Солун, и од таму е добиена потврда дека во Сани Вилас, Ханиоти двајца маскирани лица отвориле оган врз двајца државјани на Северна Македонија, соопшти МНР.

Двајцата биле однесени во општата болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос.

Според информациите на Aмбасадатa, како што додава Министерството, на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот.

Претходно, дописничката на МИА од Атина јави дека 39-годишен македонски државјанин е убиен, а повреден 45-годишен маж исто така државјанин на Северна Македонија, откако непознати маскирани лица пукале во сместувањето во кое се наоѓале во Ханиоти на Халкидики.

Полициски извори во Грција за МИА брифираат дека околу 3.30 часот по локално време, непознати лица, маскирани со fullface маски, веројатно пеш се доближиле до сместувањето во кое биле убиениот и повредениот и однадвор почнале да пукаат.

Од пукањето, 39-годишниот им подлегнал на повредите, а 45-годишниот е хоспитализиран во болницата во Полигиро.

Во сместувањето се наоѓале и други лица, кои не се повредени.

Според информациите на МИА, непознатите сторители веднаш побегнале од местото, а полицијата е на терен, работи на случајот, како и на нивно пронаоѓање.

Во однос на причините и мотивите, полициските извори за дописничката на МИА од Атина велат дека е рано да се носат заклучоци.

Во секој случај не е исклучена можноста да се работи за расчистување на сметки, а полицијата ќе истражи дали повредениот и останатите лица кои биле заедно со него и со убиениот добивале закани.