Нашите европски пријатели се тука да нѐ охрабрат, да нѐ поддржат. Тие ни мислат добро и нѐ прифаќаат вакви какви што сме да бидеме дел од европското семејство.
Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој вчера беше домаќин на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Александар Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски.
„Посетата на високите гости со мандат на Европската Унија има за цел, според мене, прво да каже дека Европската Унија стои зад овој договор, дека подобар договор не сме можеле да добиеме, дека никој не може да го менува тој договор, односно дека никој не може во иднина да ја менува преговарачката рамка“, потенцираше Османи.
Тој уверува дека секое ветување според кое во иднина кој било ќе може да смени нешто во преговарачката рамка, макар и една запирка, е лажно ветување и пропаганда.
„Тука сме за да им ги одземеме тие лажни аргументи бидејќи нема да може“, рече Османи.
Во услови кога пораките од ЕУ се јасни, тие ја поддржуваат земјата да го направи и последниот чекор за напредок кон Европската Унија, Османи вели дека не го разбира отпорот од опозицијата и одложувањето на уставните измени.
„Опциите се две. Или ги прекинуваме преговорите засекогаш и јасно велиме не сакаме во Европската Унија, бидејќи условите не можат да се менуваат, а тоа ќе значи повлекување од идејата за членство во ЕУ, или завршување на уставните измени што побрзо. Трета опција немаме“, рече Османи.