Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги прими министрите за надворешни работи на  Австрија, Чешка и Словачка  – Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, претставници на трилатералната иницијатива формат Славков.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата се разговарало за аспирациите на нашата држава за членство во Европската Унија, состојбите во регионот на Западен Балкан, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.

-Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка земјите од форматот Славков по однос на македонските аспирации за членство во Европската Унија и во тој контекст беа разменети мислења за текот на билатералниот скрининг на нашата држава со ЕУ, како и за потребата од измени на Уставот што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, информира Кабинетот на Претседателот.

На средбата се разговарало за актуелните состојби на Западен Балкан, при што претседателот Пендаровски истакнал дека европската перспектива е еден од важните предуслови за севкупната стабилност, безбедност и демократски развој на регионот.

-Во таа насока претседателот Пендаровски посочи на потребата ЕУ да го задржи фокусот кон регионот, истакнувајќи дека во време на сериозни безбедносни предизвици на европско тло, повеќе од било кога е важно на проширувањето да не се гледа само како на техничка процедура, туку и како на важна геополитичка алатка на ЕУ, се наведува во соопштението.