Медицинскиот директор на Тетовската клиничка болница, Пелумб Вела, поднесе оставка од функцијата. Веста ја потврди на социјалната мрежа Фејсбук, каде информираше дека се повлекува од лични здравствени причини. Го напушта и местото шеф на огранокот на Алијанса во Тетово.
„Ве информирам дека денеска од лични здравствени причини поднесов оставка од функцијата в.д. директор на Клиничката болница во Тетово и истата ја депонирав во архивата на болницата во Тетово и во Министерството за здравство. Оставка депонирав и во седиштето на Алијанса за Албанците и од местото претседател на огранокот на Алијанса во Тетово. Мојот придонес ќе продолжи како активист на Алијанса за Албанците“, рече Вела, пренесува Алсат.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, ја потврди оставката на Вела, но не даде повеќе детали.
„Од лични причини тој поднесе оставка, тоа се функции кои во неврологијата се нарекуваат преодни. Сите овие функции се преодни, тие не се трајни. Некои од лични причини. Мислам дека е од лични причини“, рече Меџити.
Вела на функцијата директор на Клиничката болница во Тетово дојде на 28 март пролетва по влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата. Клиничката болница ја водеше помалку од четири месеци. Во тој период се случи и скандалот со анестезиологот кој на ТикТок објави видеа од гинеколошкото одделение. Средувањето на лифтовите на интернистичкиот блок беше еден од проектите иницирани од Вела, проблем кој предизвика многу контроверзии и осуди од страна на пациентите. Инаку, Клиничката болница во Тетово покрај медицинск, има и економски директор. Во моментов на оваа функција е Блерим Османи од ДУИ.