Општина Чаир го осуди вандалскиот чин на Левица со таблата со името Парк Украина која се наоѓа на територијата на оваа општина.

-Општина Чаир и јас како нејзин градоначалник најостро го осудуваме вандалскиот чин на таблата со името Парк Украина која се наоѓа на нашата територија, поточно во близина на општинскиот објект.

Оценуваме дека ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот Украина што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава.

Случајот веќе го пријавивме до органите на редот и бараме што поскоро да се откријат сторителите и да ја добијат заслужената казна, се вели во реакцијата на градоначалникот Висар Ганиу.

Инаку, пред 15 часа, на Фејсбук Страницата „Црвена Младина“ (младински огранок на „Левица“) се објави видео со покривање на таблата „Парк Украина“, со лепенка „АСНОМ“, со образложение дека овој парк порано бил парк на народните херои.