ВОЈО МАНЕВСКИ
Кумановци велат за некоја состојба кога тешко се наоѓа излез—дошја нож до коску! Да ли и во политиката важат ваквите правила ќе бидеме сведоци во наредните неколку месеци. Кој ѐ нож ќе дознаваме постепено, ама дека ние граѓаните сме и месото и коската тоа е сигурно.
„Разговори директни со позицијата нема да има или може да се разговара само за датумот и проблематиката поврзана со изборите“ – во Штип изјави Мицкоски. Кој филм го гледаше во новото кино не знам, ама потоа изјави дека сѐ под 61 пратеник како резултат на идните избори ќе го смета за лош резултат на неговата партија. Одамна не сум бил на кино и не ги знам влијанијата врз гледачите што ги има современата технологија, ама со неколку размисли ќе се обидам да поставам основи за еден друг филм кој веројатно ќе се прикажува на денот на изборите, кога и да бидат.
Од уметност мора да поминеме на математика за нештата да станат појасни. За почеток ќе ги земеме податоците од парламентарни избори за последните 15 години. Добро е читателите да ја погледнат табелата и самите да донесат заклучок за тоа колку гласачи за колку пратеници се потребни.
Ние ќе направиме анализа само врз основа на неодамнешната анкета направена од „Маркет вижн“ од 5 до 16 јуни, по која ВМРО-ДПМНЕ гордо истакна дека водат со 2 спрема 1, споредено со резултатите од последните парламентарни избори од 2020-та.
На таа анкета ВМРО ДПМНЕ има рејтинг од 22%, а оние што се изјасниле дека ќе гласаат ама сеуште не донеле одлука за која партија се 22,2%. Логично е дека и меѓу тие гласачи ВМРО ДПМНЕ ќе има сличен процент, па пресметано тоа му додава уште 4,8%, што значи можат да се надеваат на 26,8 % од 100% од анкетираните гласачи. За распределбата на пратеничките места се важни тие кои ќе гласаат и ако се одбијат анкетираните кои изјавиле дека нема да гласаат за ниту една партија, се добива дека процентот поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ е 32,5%.
Што овој процент значи во апсолутни бројки ако се спореди излезноста со таа на последните парламентарни избори?
Еве ги официјалните резултати од 2020-та за двете најголеми коалиции.
Ако тогаш коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ имала 34,57% со добиени гласови од 315,344 гласачи, процентот на доверба од анкетата на иста излезност ќе ѝ донесе 306 илјади гласови, или во број на пратеници 43-44. Малку е? Е, толку е! Математички прецизно.
Ако журналот кој сега ни го прикажуваат вели дека ќе освојат најмалку 61 пратеник, тоа бара и други математички соодноси. За половина и плус еден од пратениците треба да се освојат 50% од гласовите на граѓаните кои ќе излезат на избори. Ако се спореди со бројот на излезени гласачи на изборите во 2020 г. кои се 943,750 тогаш до посакуваната бројка од над 450 илјади – недостасуваат уште половина од бројот на кој според резултатите на анкетата може да смета ВМРО ДПМНЕ. Значи, потребно е во услови на слична излезност, за околу 150,000 гласови да се зголеми бројот на гласови на ВМРО-ДПМНЕ и за истиот број да се намали бројот на гласови на сите останати листи, од некаде мора да дојдат тие гласови, нели?
Ќе има ли зголемена излезност на следните избори ако сме сведоци на намален број на граѓани во споредба од пред четири години? Како ќе се мотивираат граѓаните да учествуваат во изборниот процес ако понудата на политичкиот пазар не е квалитетно многу подобра во споредба со претходниот циклус и во програмски и во персонална смисла? Но, од друга страна, минатите избори се одржуваа во време на епидемија и тогаш излезноста беше намалена. На следните избори, излезноста би била голема непознаница. Но, зголемена излезност е уште понеповолна за целта на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи за мнозинство од над 60 пратеници, можеби ќе бидат потребни и над 500.000 гласови.
Ако овие дилеми ги поставите во контекст со податоците кои ви ги презентирав неумоливоста на математиката ги дава крајните резултати. Кој каков филм гледа или во кој сопствен филм е актер, пресметајте сами.