Судскиот совет пет месеци одолговлекува и не презема мерки за санкционирање и одговорност на претседателката на основниот суд Куманово, Снежана Манев, за констатирани неправилности со АКМИС, соопшти Министерството за правда. Посочуваат дека министерот за правда Кренар Лога во неколку наврати испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, објавени во извештај уште на 1 февруари годинава.
– Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви Извештај каде се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недискриминација по било која основа, користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот како и злоупотреба на АКМИС системот, кое во голема мера влијае на односите и работењето на судот, се вели во соопштението.
Министерот за правда Кренар Лога, како што се посочува, на 11 април испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање на соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, а особено заради тоа што разгледувањето на Извештајот беше на дневниот ред на седница на Судскиот совет одржана на 13 март. Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС системот, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во АКМИС системот. (Линк до извештајот за Основен Суд Куманово: http://www.vsrm.mk/wps/wcm/connect/ssrm/d9891bad-c145-4a33-ab17-ed5f11455456/izveshtaj+K+2023+-+02.pdf?MOD=AJPERES&CACHEID=ROOTWORKSPACE.Z18_L8CC1J41L0B520APQFKICD0CR4-d9891bad-c145-4a33-ab17-ed5f11455456-kZ5emCU&fbclid=IwAR21T3aeRciW2ItHnzX_zUVvHQHQ4hWjBxNt20stnh5ZTMsxm5hU34fGmaU )
– Од Судскиот совет добивме известување на 12 април дека дописот е доставен на запознавање и понатамошна надлежност и постапување до координаторот за следење на работата на Основниот суд Куманово, членот на Советот Ханиф Зендели.
Одговор не беше добиен, по што министерот за правда Кренар Лога на 22 јуни испрати повторно до Судскиот совет УРГЕНЦИЈА за постапување по барањето за состојбите констатирани во Извештајот. Од изнесените 8 точки, 7 се однесуваат на состојбите во судот за констатирани нарушени меѓучовечки односи и некоректен однос на ВД претседтаелот на судот кон одредени вработени АКМИС системот. На 29 јуни од страна на Заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели доставен беше одговор дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе нè информираат за констатираната состојба, наведуваат од МП.
Уште еднаш го повикуваат Судскиот совет да постапи согласно своите надлежности, бидејќи, како што укажуваат, неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.
Судот во Куманово денеска беше беше зафатен со пожар, кој беше локализиран. Опожарени се подрумските простории каде се наоѓа архивата на Судот, соопшти Центарот за управување со кризи – Куманово.