Судското рочиште за случајот со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која при породување со царски рез во струшката болница и беа извадени три органи, во Основниот суд во Струга денеска беше одложено поради отсуство на повиканиот вештак.
Доктор Драги Дабески од Клиниката за гинекологија и акушерство, не присуствувал на денешната расправа поради користење годишен одмор надвор од државата.
За продолжување на судскиот процес странките ќе бидат известени писмено поради пензионирање на судијата Живко Аврамовски и избор на нов судија кој ќе го води случајот.
Адвокатот на оштетената Веапоска, Сашо Јанев посочи дека првиот судија за овој случај се пензионирал, па процесот бил вратен од почеток. По најавата за пензионирање и на актуелниот судија, заклучи дека сите бегаат од предметот, кој го нарече „врел костен“, но на крај очекува осудителна пресуда.
– Првиот судија отиде во пензија, сега и овој најави дека ќе оди во пензија. Тоа се оправдани причини за промена на советот, но не се доволно добри за овој случај. Генерално овој „врел костен“ никој не го сака во свои раце и тоа се случува. Сите бегаат од предметот, но нема каде да бегаат. Еден ден ќе падне пресуда и јас гарантирам дека таа пресуда ќе биде осудителна. Нема каде да бегаат од вистината и правдата, ако се огрешиле кон законот мора да одговараат, рече Јанев по излегувањето од судницата.
Интенција на одбраната, нагласи тој, е да стартува со супер вештачење, со забелешка дека судскиот процес веќе е одолговлечен.
Веапоска пак нема никакви очекувања, вели дека не верува во судот и во исказот на докторот Дабески, кој, според неа, е на страна на обвинетите и направил спротивно вештачење од тоа на Институтот за судска медицина.
– Колку години ќе ја барам правдата во овие судски врати не знам, зошто доста сум физички оштета, половина човек сум и психички ќе се пореметам. Додека сум жива нема да се откажам од правдата. Не знам колку ќе бидам жива и психички ќе можам да го издржам сето ова малтретирање во овој суд, изјави Веапоска.
Судскиот процес за родилката од Дебар, на која и беа отстранети матка, јајник и бубрег по породувањето со царски рез во Струшката болница против тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска почна во јуни минатата година.