Уставниот суд ќе ја оценува уставноста на Упатството за запишување на етничката припадност во изводите од матичната книга на родени, умрени и венчани. Дотогаш, на сила е времената мерка, со која се забрани да се издаваат изводи со впишана националност, пишува Алсат.
Образложението на Уставниот суд е дека одлуката за новото упатство била доцна објавена во „Службен весник“, што било обврска на Секретаријатот за законодавство при Владата. Министерот за правда Кренар Лога му реплицираше на Уставниот суд, со обелоденување на десетици одлуки на различни институции кои исто така го пробиле рокот за објавување во „Службен весник“ а за кои Уставниот суд не повел самоиницијативно постапка.Лога рече дека ова ја отвора Пандорината кутија.
„Ова е отворање на Пандорината кутија. Мило ми е што ова се случи со упатството за да излезе вистината на виделина. Она за што жалам е што Уставниот суд до денес не ги прогласи, сите подзаконски акти дека се во спротивност со законот и да ги прогласи за неважечки. Денеска не очекував привременото стопирање бидејќи очекував да падне. Станува збор за формална страна, а не за содржината на документот“, изјави Кренар Лога, министер за правда.
Лога го охрабри Уставниот суд да донесе итна одлука, притоа најавувајќи дека сите пропусти на институциите ќе ги достави до Уставниот суд – одлуките на Владата, општините и самиот Уставен суд.
„Со времената мерка не треба да се купува време, но го повикувам Уставниот суд да ја отфрли истата. Во меѓувреме најавувам целосно ново упатство каде истото ќе се повтори и ќе се објави во „Службен весник“ и со тоа ќе остане во сила“, рече Кренар Лога, министер за правда.
Во меѓувреме, во Уставен има и иницијатива покрената од Левица која се однесува на формалниот содржински аспект на одлуката. Според иницијативата, одлуката на министерот Лога е во спротивност со европските конвенции и вредности. Во овој контекст, Лога го поздрави пристапот на Левица како субјект кој се залага за зачувување на европските вредности во земјата. Упатството за впишување на етничката припадност во изводите е потпишано на 29 мај, а објавено во „Службен весник“ на 15 јуни. Според член 52 од Уставот, законите и другите правилници се објавуваат во „Службен весник“ најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување или одобрување.