Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет за продажбата на трговскиот центар Соравија – зделка во која внукот на Али Ахмети, Дрин, добил над 39 отсто од акциите. Обвинителството во ексклузивен одговор за Алсат вели дека го отворило случајот за истрага по допрес глас.
„…По информациите кои постојано се објавуваат во медиумите, минатата недела Обвинителството отвори предмет по допрен глас за купопродажбата на ТЦ „Соравија“. Случајот е доделен на јавен обвинител кој ќе постапи и ќе ги достави соодветните поднесоци до институциите надлежни за истрага на финансиските текови (Управата за финансиска полиција, Единицата за финансиски истраги при Министерството за внатрешни работи, Управа за јавни приходи итн.)“, велат од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Владата и премиерот Ковачевски да проверат дали е платен данокот на продажба и како е направена трансакцијата за „Соравија“. Пратеникот Драган Ковачки вели дека не е регистрирана трансакцијата во надлежните институции во земјава.
Министерот за економија Крешник Бектеши го избегна прашањето за Соравија. Тој зборуваше само за фирмата на синот на првиот човек на ДУИ, Шкумбин Ахмети. Тој го повикува претседателот на ВМРО ДПМНЕ заеднички да ги посетат канцелариите на Шкумбин во Кичево.
„Господине Мицковски, сите членови на вашата партија сте лично поканети од мене, да одиме да ја посетиме канцеларијата на Шкумбин Ахмети кој работи приватно. Работи во Кичево, има своја архитектонска канцеларија и, како што напоменав, има направено проекти за странски земји. Иако е син на лидерот Ахмети, тој работи приватно и немал никаква врска со државните институции“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Од Кабинетот на Христијан Мицковски му одговорија на министерот Бектеши, велејќи дека е изненадувачки нивото на информации што министерот за економија ги има за членовите на семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинувајќи го дека „игра двојна улога и како министер и како портпарол на компаниите на семејството Ахмети. Во врска со поканата за посета на Мицкоски, од ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе објават и други работи поврзани со имотот на членовите на семејството на Ахмети.