Во тек е инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на Универзитетската клиника за гинекологија каде во неделата родилка се обиде да си го одземе животот.
– Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на фактичката состојба. По изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Информацијата за МИА ја потврди и директорката на ГАК, Викторија Јовановска.
– Пациентката е на КАРИЛ, бебето е тука, така замоли фамилијата. ДСЗИ се тука за да видат, да утврдат дали сѐ е направено така како што треба, изјави Јовановска за МИА.
Од Клиниката за гинекологија вчера информираа дека 39-годишна родилка во неделата вечерта се обидела да си го одзеде животот фрлајќи се од првиот кат на Клиниката. Директорката на Клиниката за гинекологија вчера во изјава за медиумите информираше дека пациентката е веднаш префрлена на КАРИЛ и дека е во критична состојба.