Синдикатите и Владата ниту денеска не постигнаа договор за покачувањето на платите. Сојузот на синдикати на Македонија бара од септември платите на работниците да се зголемат за 14,5 отсто колку што беше инфлацијата минатата година, а бараат и враќање на платите на функционерите на претходното ниво, пред Уставен да им ги зголеми за 78% и зголемувањето на платите да биде исто за сите. Од ССМ велат дека се согласуваат како основа да се земе методологијата на просечната плата плус коефициентот и да се применува моделот за две и пол години, а по овој период да се усогласат платата за сите.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, не одговори конкретно за понудата на синдикалците за укинување на покачувањето на платите на функционерите за 78%, но рече дека ќе се дебатира за овој предлог.
„Не реков дека нема да се откажеме, реков дека преку дијалог ќе дебатираме. За прв пат денеска беше даден ваков предлог, треба да видиме што може да се реализира, значи се разбира како што тоа го правиме со дијалог со синдикатите за вработените во јавниот сектор. Ние сме вработени во јавниот сектор, немаме синдикат кој не претставува, но со општ општествен консензус бидејќи таму се вклучени и институциите кои немаат претставници преку синдикатите и треба и тие да бидат прашани“, вели Фатмир Битиќи.
Следниот состанок меѓу синдикатите и Економскиот социјален совет се очекува да се одржи во среда.