Пишува: Катерина КОЛОЗОВА
Кон крајот на минатата година, во рамки на научната установа во која работам, и во контекст на меѓународно истражување водено од Универзитетот за политички науки – Париз (Sciences Po) на тема „образование за носителите на одлуки во Западен Балкан“, изготвивме студија во која дојдовме до едно основно сознание. Имено, додека на Запад под образование за оние кои управуваат со институции се подразбираат области како „студии на политики“, „администрација“ (во француски контекст: мултидисциплинарна обука или сепцијализација за управување), студии на јавни политики и сл., во регионот на Западен Балкан, и особено во Северна Македонија, тоа образование е најчесто – правото, сите форми на студии по право. Анализата на сите образовни програми во земјава, ставена во контекст на регионот и сознанијата добиени од меѓународно релевантни студии на политики или управување, како и теренското истражување што го спроведовме, покажаа дека најтесно специјалистичко поле, кај нас, би било административното право.
Зошто е важна оваа констатација? Бидејќи нам, како на политичка култура, од оние кои управуваат со земјата до „управуваните“ (граѓаните, фирмите, организациите, итн.), ова ни се чини сосема природно – како да се владее ако не со носење и спроведување закони? Не постои концепт дека управувањето (governance) со институции и држава може и треба првенствено да се потпира на добри пракси, па вештини на управување (споредливи со менаџмент), та дури на крај со пишување и спроведување закони. Всушност, секаде на Запад, според литературата што ја консултиравме, законите се само рамката на добрите модели на управување, а не тоа на што се сведува самото управување со институции, држава и други облици на власт. На пример, студии како Law and Public Administration: A Love–Hate Relationship? [Правото и јавната администрација: Врска на љубови и омраза?] (2018), URL https://tinyurl.com/4ekc6vyk, и бројни други што ги цитираме, кои го анализираат „тензичниот однос“ меѓу правото и студиите на политики и управувањето, кај нас звучат дури и нелогично, чудно, спротивно на интуицијата – оти, во нашата политичка култура, управување и законитост е едно и исто.
Според потесните анализи на учебниците кои ги спроведовме – авторитарноста е вградена во самата содржина на она што се студира како „добро управување“.
Но, упатените знаат дека не е така. Особено оние кои се занимаваат со анализи, застапување и студии на политики ќе ви кажат дека управувањето подразбира општествени вредности, нивна транспозиција во институционални политики кои ќе ги направат тие вредности практично применливи, та дури потоа ќе ти формулираат и во термини на законски акти, за да се обезбеди практикувањето на политиките. Според последниот извештај на SIGMA (2022), перформансите на македонската јавна администрација, особено во поглед на нејзиното напредување кон ЕУ, се под средната или просечна вредност на Западен Балкан – и тоа токму поради отсуството на способност да се мисли во термини на политики на управување, вклучително и (не)способноста да се мисли реформски. Единственото за што се способни нашите институции е усогласување на законите со европскиот Acquis, но не постои концепт како од мртво слово на законот да се премине кон имплементација. А токму осмислувањето на применливи политики е чекорот кој недостига меѓу праксата и пишаниот збор на Законот. Според наодите на истражувањето кое го спомнувам на почетокот, причината за ова лежи во авторитарната политичка култура која се негува првенствено на студиите по право во нашата земја. А регионалниот преглед во рамки на конзорциумот истражувачки установи од Западен Балкан, воден од Sciences Po-Paris, покажува слична, но ни од далеку толку лоша слика. Како го знаеме ова? Прегледот на наставни програми низ регионот покажува доминација на правото, но и присуство на современи приоди кон управувањето како студии на јавни политики и сл. Кај нас, безмалку без исклучок, студиите по право, и административното право првенствено разбрано како право со административната димензија присутна како речиси празен украс, се изедначени со студии на добро управување.
Некој би помислил дека сме жртви на некаков неприменлив аналитички позитивизам во правната наука, според кој, независно од околностите во доживеаната стварност, безмилосно треба да се преименува законот, дури и ако му штети на општеството и единката. Да, нашите учени од областа, навистина, понекогаш звучат така. Исто така, според потесните анализи на учебниците кои ги спроведовме – авторитарноста е вградена во самата содржина на она што се студира како „добро управување“. Дури и не станува збор за „управување,“ според еден од нашите најреферентни учебници по административно право, ами за „вршење власт“ (па потоа и „вршење служби“), и тоа разбрано на начин каде поединецот му служи на системот, а не обратно. Погледнете ја дефиницијата на добро управување или, попрецизно, на администрирањето: „Вршење власт […] административната функција најчесто се остварува преку вршење власт заради заштита и обезбедување на јавниот интерес. За таа цел, администрацијата се грижи да ги усогласи приватните интереси со заедничкиот, јавниот интерес, обезбедувајќи им на граѓаните (и правните лица секако) да ги остваруваат своите права и правни интереси без да го нарушат јавниот интерес кој е точка на врзување на сите членови во општествената заедница“ (Давитковски и Данева-Павлова, 2018: 10). Секако „вршење јавни служби“ е исто така, дел од двослојната дефиниција која ја понудиле авторите, но „вршењето власт“ и издигањето на „јавното“ над правата и потребите на поединецот е основата и на ова практикување услуги на јавните служби.
Додека ја слушаме флоскулата „државата пред поединецот“, колективното пред индивидуалното, ние остануваме далеку од европските демократски вредности кои, според својата традиција, се либерални (дури и кога се конзервативни).
Додека ја слушаме флоскулата „државата пред поединецот“, колективното пред индивидуалното, ние остануваме далеку од европските демократски вредности кои, според својата традиција, се либерални (дури и кога се конзервативни). Додека повеќето од нас ја подразбираме оваа флоскула како исправниот однос кон нештата, како општество остануваме далеку, ужасно далеку од европските вредности. Затоа и усогласувањето на администрирањето со Поглавјето 23, и првенствено со Европската повелба на темелни права, како на јавност, како на општество или, едноставно, како на политичка култура, ни се чини туѓо. Повелбата, според која јавните политики и институции му служат на Граѓанинот, а не обратно, овде одекнува некако лошо, како да е нешто погрешно, морално неисправно. Токму од тие причини, од причини на оваа слепа точка на нашиот заробен административен ум, оваа слепа точка на нашата авторитарна политичка култура – Македонија, како и во сите претходни години по падот на режимот на Груевски, според Фридом Хаус, и во последниот извештај останува во групата на држави со хибридни режими.
Превземено од Рацин.мк